Tuesday, October 16, 2012

Видовитост

За почеток, јас сум видовит.
Мислиш дека те лажам?
Време е да ти ја покажам мојата способност.

Ако го читаш ова, знаеш дека знам за твојата тајна засрамувачка меморија која тлее во твојата потсвест и за која не кажуваш дури и на пријателите. Твојот потенцијал за кој не знаат ни твоите најблиски е огромен и чувствувам дека поседуваш некоја моќ за која ни ти не си свесен/на.


Интуитивна особа си.
Понекогаш луѓето те потценуваат а ти веруваш на нивните мислења за тебе.
Што ако тоа е вистина?
Што ако никогаш не успееш во тоа што го сакаш?

Сметаш дека твојата сексуалност е необична. Понекогаш се срамиш да го признаеш тоа на твојот партнер незнаејќи како ќе ги прифати твоите сексуални апетити. Тоа не е до толку страшно колку што мислиш(освен ако истата доведува до нелегални акти).

Патем, сакам да мислиш на онаа меморија како дете кога се плашеше од темнината и од кошмарите поради кои се криеше под јорганот мислејќи дека така ќе бидеш заштитен/на. Мемориите од вкусниот доручек, домашната задача со полжавите кои не можеше перфектно да ги нацрташ, преселните птици кои ги учеше напамет, мирисот на ароматизираната гума за бришење... Како тоа весело дете стана оваа особа која се грижи за секоја ситница во животот?

Во принцип ти имаш добри намери. Имаш различни карактери кои ги покажуваш зависно од тоа со кого комуницираш и понекогаш почнуваш да се сомневаш кој/а си навистина. Кога се наоѓаш покрај авторитети или особи кои премногу ти се допаѓаат се чувствуваш непријатно во својата кожа и при тоа добивајќи импресија дека и другата особа се чувствува непријатно покрај тебе почнуваш да се плашиш дека ќе се расипе целиот момент. Посебно ако ја идеализираш особата, сакаш да си како нејзе и понекогаш се фаќаш себеси имитирајќи ги гестикулациите кои ти се допаѓаат кај истата.

Имаш сеќавања кои не знаеш од каде се. Овие мемории доаѓаат со специфична музика и мирис и се појавуваат кога ќе поминеш покрај место покрај кое имаш чувство дека си поминал/а некогаш во животот. Честопати особи кои ги немаш видено одамна, знаат да ти се јават моментот откако ќе помислиш на нив. Твојата љубопитност те тера да се запрашуваш за светот околу тебе и за многу други прашања на кои немаш одговор. Имаш амбиции кои сеуште не се остварени. Знаеш дека претеруваш во твоите стремежи но сепак веруваш во себе. Тоа ќе ти помогне да успееш во животот.

Дај ми 500 денари затоа што јас го поседувам одговорот на твоите стравови и потреби.

Се надевам дека бев попрецизен од 90% од астролозите кои ти земале пари за нивната бескорисна натална карта. Тие пари можеле да бидат искористени на многу порационални начини.

Задоволството од тоа да го слушнеш тоа што сакаш да го слушнеш може да ти биде пружено и од твојот психолог. Дури подобро е да слушнеш искрено мислење од твојот пријател. Можеби егото нема да биде задоволено како со видовитиот кој патем ако е добар во својата работа, може лесно да си игра со твоите емоции и уште полесно да ги стиска копчињата кои ги прикажуваат твоите ранливи страни. Следниот пат пробај да направиш еден мал експеримент. Прочитај им го тоа што го пишува за тебе во ова предвидување на твоите пријатели и пријателки. Кажи дека тоа се однесува на нив...Ќе се изненадиш од прецизноста на предвидувањето за нивните животи.

Луѓето бараат смисла и поврзаност помеѓу работите дури и кога нема, посебно ако тие работи се однесуваат на нив и сакаат да најдат смисла во истите. Ако на пример ги собереш сите промашаи кои ги прави медиумот заедно со сите погодоци, ќе видиш колку неточни работи кои ти биле кажани биле заборавени од твоја страна. Нашата меморија е селективна. Го памтиме тоа што нашиот мозок го смета за приоритетно и е од емотивно значење многу подобро отколку ирелевантните информации. Сите сакаме да веруваме во тоа што го слушаме/читаме и за кое се надеваме дека нуди одговор на нашите секојдневни проблеми на кои им придаваме преголемо значење. Секако дека ова не важи за луѓето со посериозни проблеми од здравствен, економски или друг карактер. Сепак, последното нешто што овие луѓе треба да го направат е да бараат помош и одговор на места на кои нема да ги најдат.

Постојат голем број на измамници и илузионисти чијашто работа е да остават впечаток дека поседуваат моќи кои не ги поседуваат навистина. Некои илузионисти го прават тоа за забава и без лоша намера додека пак други гуруа и култ лидери живеат од наивноста и емотивноста на нивните жртви. Никој не контактирал со мртвите од онаа страна. Постојат техники кои медиумите ги користат за да остават импресија дека знаат се за животот на луѓето. Ловејќи ги информациите од нивните жртви кои очајно ги издаваат своите емоции со своето однесување и говор на тело или пак дознавајќи повеќе за нивните животи од други извори кои понекогаш се цели тимови кои се наоѓаат "зад завесите" и го информираат таканаречениот медиум за особата која ја контактира, медиумот остава впечаток дека поседува вистински моќи. Заедно со драматичната глума и емотивните теми кои лесно го кршат дефанзивниот механизам на просечниот наивен човек, интензитетот на еуфоричната атмосфера расте, луѓето плачат, никој не ги забележува грешките на медиумот...

Медиумот: "Господине, вашата мајка ви има оставено некој мал подарок....
" Жртвата: "Да, тоа е оваа алка"
Медиумот: "Се сеќава на вас како малечок. Сте играле во калта, се смее, кажува дека сте биле најмилото детенце...
-Човекот почнува да плаче..
Медиумот продолжува: "Вашата мајка се вика Јована господине?"
Жртвата: "Марија!!"
Медиумот:-"Да, сега добивам јасна импресија. Марија, дали си сеуште тука со мене? Син ти сака да збори со тебе...Мајка ти те слуша!!!"
Жртвата: "Мамо тука си, заедно сме со Ана. И Ана те поздравува....Те сакаме.."
Медиумот: "Марија плаче...."

Не дозволувајте да бидете жртви на овие крвопијци. Секако, не го оспорувам фактот дека некои од нив веруваат дека поседуваат способности кои не ги поседуваат навистина. По долго работење со луѓе и самите не се свесни дека нивната прецизност се должи на нивната долгогодишна комуникација со луѓе од различен карактер со помош на која научиле многу од секојдневните проблеми на просечниот човек.


Следниот пат кога ќе посетите некој навидум просветлен гуру или особа која ја има дарбата за која не барал/а да ја има, пробајте го следното: -Кажете дека сакате да дознаете дали духот на А (А не е навистина мртов/ва но вие ќе тврдите дека е...)е мирен и дали медиумот добива било каква импресија за смртта на особата. Кажете дека се сомневате дека можеби смртта не е природна туку дека постои некоја магија. Притоа ќе напоменете за моментот кога сте забележале глава од јагне пред вашата врата, ден пред особата да умре од срцев удар. Уживајте во тоа што ќе следува од страна на пророкот и лагите кои ќе ви ги кажува....

0 comments:

Post a Comment