Sunday, October 28, 2012

Култови и секти



При спомнувањето на зборот "култ" или пак "секта", првото нешто што ни доаѓа на памет е луѓе кои се облечени во црно и извршуваат церемонии и ритуали при кои жртвуваат
девици и кози. Тоа е општо прифатениот стереотип за овие движења кој воедно е резултат на Холивуд.
Секако, постојат и такви секти. Но, секта е многу широк поим кој опфаќа повеќе видови и форми на религиски и филозофски верувања и практикувања.


Култ е движење кое е препознатливо по:
-Најчесто, харизматичен лидер кој сите го обожуваат.
-Верувања кои се деноминација на некоја религија или пак филозофско гледиште.
-Нови филозофски гледишта и практикувања кои се необични  а понекогаш и бизарни
во споредба со секојдневието.

Иако голем број на секти стануваат култови, постои суптилна разлика помеѓу тоа што е секта а што култ. Во секоја држава, посебно се одредува дали специфично религиско движење е секта или не, зависно од тоа колку следбеници верувањето бележи во сегашниот момент и дали истото е деноминација на некоја официјално призната религија.

Што е секта а што не, е дефиниција која е резултат на субјективна проценка во голем број од случаите.

За некои jудеисти на пример, христијанството е јудеистичка секта. Баптизмот се смета за христијанска секта. Од друга страна пак, колку се опасни нечии верувања или не, не се одредува според тоа дали верувањата се дел од некоја официјално призната религија или пак од секта. Опасноста од резултатите кои може да ги постигне некое верување се одредува според содржината и/или практикувањата кои постојат помеѓу следбениците на верувањето.


Постојат секти кои се скоро безопасни (Wicca) исто како што постојат секти и култови кои веруваат и практикуваат работи кои се опасни по психофизичкото здравје и животот на луѓето. Општиот страв од зборот секта е неоправдан доколку сектата има мирољубиви идеали. Таквите секти се подеднакво опасни колку и официјално признатите религии. Бројот на луѓе кои некоја религија, секта или култ успеал да ги придобиe е резултат на интелектуалната и емотивната привлечност кои постојат во содржината на верувањата на религијата/сектата/култот и харизмата на членовите на истиот. Џим Џонс успеал да натера над девестотини луѓе да си ги одземат животите. Бројот на неговите следбеници е резултат на неговата харизма и методи со помош на кои ги придобивал луѓето а не на опасноста на неговите практикувања која секако била затскриена зад неговите ветувања и лаги. Секое верување кое промовира практикувања кои се антисоцијални и опасни по животот и здравјето на единката и/или луѓето околу неа е непожелно.

Жртва, ќе биде зборот кој ќе биде користен за луѓето кои се нови во култот. Не секој од овие методи е користен во секој култ но поголемиот дел од култовите користат методи како наведениве со помош на кои го зголемуваат бројот на следбениците.

Некои од тие се:
-Изолирање на верниците од нивните семејства и од нивната
социјална средина. Со помош на овој метод, луѓето губат контакт со реалноста, стануваат параноични за "светот околу нив" и добиваат впечаток дека единствениот начин да се социјализираат успешно е да останат во култот што ги прави емотивно зависни и нестабилни.

-Зголемување на покорноста на жртвите со користење на системот "казна/награда". Со помош на оваа техника луѓето се условени да реагираат на специфични гестикулации по кои следува казна или награда. Секојпат кога ќе направат постапка која може да се смета за неправилна/правилна според критериумите на култот, доколку по некоја гестикулација од страна на култ лидерот следува казна или награда, жртвата ќе знае дали ќе биде наградена или казнета откако гестикулацијата ќе биде извршена и при тоа соодветно ќе реагира, зависно од тоа каква емоција култ лидерот сака да предизвика кај жртвата(условен рефлекс).
http://en.wikipedia.org/wiki/Classical_conditioning

-Нападно однесување и игнорирање на жртвата со што истата ќе се чувствува непријатно доколку не се согласи со тоа што мнозинството во култот го верува и мисли.

-Кодекси на однесување и изразување чиешто значење е познато само на членовите на култот.

-Оставање на впечаток дека членовите на култот знаат за проблемите на жртвата и го имаат решението на истите.
(ВИДОВИТОСТ)

-Останатите членови од култот без согласност на жртвата и даваат подароци на истата, константно се грижат за нејзините проблеми со цел да ја направат да се чувствува  должна кон луѓето кои и помогнале.

-Земање на кредибилитет за сите настани кои се случуваат во светот. Тоа што се случува во светот може да биде објаснето со помош филозофијата и верувањата на култот.

-Љубовни бомби. Култот ја бомбардира жртвата со "љубов" и "внимание".

-Давање на негативни епитети на секој кој не се согласува со верувањата кои култот ги пропагира, што го прават да изгледа како невалиден извор на информации (не е доволно
свесен, неговите намери се да го уништи тоа во што веруваме, тој е илуминат, не ја сфаќа вистината, не верувај на таквите како него/нејзе).

-Користење на дроги со помош на кои се предизвикува импресија на паранормално искуство.



Одлична книга која би ја препорачал на секој кој сака да дознае повеќе за оваа тематика е:
"The Power of Persuasion: How We're Bought and Sold" - Robert V. Levine.

Пред да одлучите да се приклучите на движење кое промовира некои идеали и верувања кои се невообичаени, пожелно е да се информирате повеќе околу тоа во што се вклучувате. Денес, за среќа сите имаме интернет (со мали исклучоци) и лесно можеме да стигнеме до сознанија за тоа што не интересира. Не дозволувајте да се вклучувате во движења со кауза која не ви е позната и прифатлива на вас самите само затоа што имате впечаток дека се чувствувате пријатно додека сте со членовите од тоа друштво или движење. Прифаќањето на некое верување само за да другарувате, затоа што се чувствувате осамено или поради друга емотивна причина не е доволно добра причина за таква одлука. Исто така, само затоа што некои верувања емотивно влијаат на вас иако не се поддржани со факти и аргументи, не значи дека треба да ги прифатите истите. Има многу начини со помош на кои можете да се чувствувате добро и исполнето а не бараат верување во нерационални работи.

Доколку дојдете во контакт со нешто од ваков калибар и доколку не можете да ги одбиете понудите поради: култура, страв, луѓето со кои комуницирате се премногу културни и односливи, добивате впечаток дека ве познаваат добро и имате чувство дека се ваши пријатели иако ги гледате за прв пат во животот, повлечете се што побрзо, затоа што најверојатно се обидуваат да ве изманипулираат.
Read More

Monday, October 22, 2012

Константин

Константин Кајшаров е добро прочуен помеѓу голем број на луѓе во Република Македонија по своите исцелителски способности во последниве неколку години. Константин успеа да се пробие со помош на својата харизма и погрешни разбирања од областа на медицината и физиката. Еден од многубројните исцелители кои со мала доза на лажна елоквентност успеваат да остават впечаток на образованост и го поттикнуваат чувството на "знае што кажува", Константин ја прошири својата агенда со помош на продажбата на неговите цедеа за медитација и измислиците кои ги промовира како реалност на неговата веб-страна.

"Био Електричниот Анализатор на телото вклучува иновативни проекти од високата технологија од областа на медицината, био-информатиката, електричниот инжењеринг и други науки..."
 -На неговата веб-страна, Константин ги опишува способностите на неговиот Електричен Анализатор. Но сепак, Електричниот Анализатор не може да биде искористен од страна на докторите и другите медицински лица за помош при дијагностицирање на широкиот спектар на болести кои Константин тврди дека анализаторот може да ги дијагностицира.
Само просветлениот Константин знае како да го користи овој софистициран анализатор кој
најверојатно, во најдобар случај е некоја форма на лажна апаратура без никаква функција.

"Преку држење на сонда се одредуваат фреквенциите и енергијата од магнетното поле кои потоа се споредуваат со резонантните фреквенции на одредени болести, состојби и
нутритивни вредности кои веќе се експериментално одредени и потврдени. Според оваа вредност се одредува природата на болеста или дисбалансот. Со оваа анализа добивате увид во целокупната состојба на телото, односно кардиоваскуларен статус, состојба на коските, витамински и минерален статус, хормонален статус, статусот на внатрешните органи, шеќер во крвта, состојба на кожата, токсини во крвта итн."

-Продолжува Константин, опишувајќи ги придобивките од сознанијата кои се неизбежни доколку го користите неговиот Анализатор.

Еден од познатите синдроми на новите форми на духовност е "едно нешто кое може да го открие и излечи секој проблем (омни-лек)". Како и поголемиот дел од "new age" духовниците, Константин пробува да ги измеша неговите изветоперени ставови за тоа што е медицината и каков е начинот на кој функционира човечкото тело со религијата и другите форми на духовност. Со тоа, тој успева да опфати повеќе "класи" на обожаватели. Неговата филозофија за природата на универзумот е лесно прифатлива како за средовечната религиозна домаќинка, така и за модерниот тинејџер кој медитира и ја проширува својата свесност отварајќи ги своите чакри.

Сакаш ли да оставиш впечаток на човек кој е образован и стручен во некоја област? Почни да зборуваш за електромагнетни бранови, фреквенции и сонди. Надевај се дека 99% од популацијата која ќе ги прочита твоите објаснувања, нема да разбере што кажуваш и најверојатно ќе помисли дека знаеш за што зборуваш.
http://www.konstantin.com.mk/holisticka_analiza.htm

Константин исто така се повикува и на методите кои се користат во таканаречената "Бачова Терапија". Едвард Бач, чиишто алтернативни медицински практикувања се многу слични со
тие на хомеопатијата, сметал дека росите на цвеќињата имаат лековито дејство.
Константин ги поврзува хомеопатијата, росата на цвеќето, христијанството и масажите со вулкански камења за да може да го создаде своја оригинална њу ејџ склопка. Повеќето њу ејџ спиритуални глупости, се таков тип на склопки. Мешавини од запдна холистичка медицина, источна алтернативна медицина, религии, спиритуални движења, редови, шаманизми, сво тоа у една огромна турлитава.

Воедно, вулканските камења на Константин помагаат за лекување на:
-работохолици
-луѓе со ниска самодоверба
-панични напади
-други болести на мускулите, според Константин.

Начинот на кој камењата успеваат да помогнат на болните од панични напади или тинејџерите кои не веруваат во своите способности и изглед, останува мистичен за обичните смртници и науката.
http://www.konstantin.com.mk/bacova_terapija.htm
http://www.konstantin.com.mk/masaza.htm

Константин е познат и на музичката сцена...


Секогаш е добро да се има алтернатива кога се работи работа која е непостојана. Намената на неговите песни е да послужат како стимул за постигнување на подлабока состојба на смиреност и баланс при медитирањето.
"Вдишете воздух кој е исполнет со светлина..."
-Невино започнува воведот во едно од неговите видео упатства...
Искрено, за разлика од поголемиот дел од видеата со упатства за медитација, ова видео го доживеав како страшно и бизарно. Но сепак, тоа е субјективна проценка. Постојат луѓе кои уживаат во ваквиот вид на видеа.



На неговата веб-страна најдов нешто многу интересно. За момент помислив дека Константин е човекот кој е пратен од Господ за со љубов и радост да го пренесе Словото Божјо кое говори за ирелевантноста на материјалните добра и тогаш го најдов ова...

"Молитвената терапија не се наплатува. Режиските трошоци на Центарот и фирмата се подмируваат на начинот што клиентите ги КУПУВААТ останатите третмани од
кинезитерапијата, како масажи или третирање со апарати, во зависност од проблематиката. Овие третмани се земаат поединечно или се вклучени во ПАКЕТ кој содржи повеќе услуги. Во зависност од интересот, можноста и потребата на клиентот се избира СООДВЕТЕН ПАКЕТ. Ви благодариме на вашето разбирање и што на овој начин ни помагате да ги шириме Живото Слово на Господ Исус Христос преку дела и проекти."

Пакет!
Сакате ли да земете постпејд понуда со 99 ден. на час или пак го сакате пакетот од 599 ден.?

Колку што успеав да разберам од неговата веб-страна, сектата која Константин ја застапува се нарекува Света Мугра (Holy Dawn). Веб-страната на Света Мугра е нефункционална или пак затворена поради некоја причина. Пробав да побарам повеќе информации околу тоа религиозно движење но не најдов ништо полезно.
Доколку имате некои сознанија за Света Мугра, пишете ми на:
harikacanovski@yahoo.com


Read More

Sunday, October 21, 2012

Биба Струја


Славиша Пајкиќ, општо познат како Биба Струја е човекот кој има способности да пренесува струја со висока волтажа без при тоа да биде повреден и да пржи јајца и виршли. Биба Струја тврди дека Гинисовата Книга На Рекорди го бележи неговиот подвиг на земање удар од 20 000 V врз неговото тело и за неговата способност да ја подигне температурата на водата до 97 степени целзиусови за 1 минута и 37 секунди. Секој што знае физика, знае дека волтажата не е тоа што убива, туку амперажата.



Секој може да го направи тоа што Биба го презентира на неговите видеа доколку има гумени ракавици или кожата на Биба. Сакате ли и вие да научите како да испржите виршли  без при тоа да ја имате кожната деформација која е потребна за да го изведете тоа?


Славиша има своја агенција за терапевтски допир со помош на кој лекува луѓе. Секако, со пржење на виршли не може да се заработат доволно пари за живеење. Неговата популарност може да биде искористена. Биба воопшто не е скромен. Еден третман чини 20 евра. Користејќи го пласебо ефектот Биба успева да ги убеди луѓето дека:

-На некој начин Биба може прецизно да ја насочи струјата таму каде што сака и може да го регулира интензитетот и напонот на струјата.
-Струјата која Биба ја насочува необјасливо ги лекува болестите како воспаление на синуси и слично.




Мислите дека Биба Струја е единствен?
Тогаш морате да го видите Зенг Деке.
http://news.softpedia.com/news/The-Electric-Man-Can-Cook-Fish-in-2-Minutes-59502.shtml

Ниту еден човек не може да лекува луѓе со помош на струја која тече низ неговото тело. Во медицината, струјата се користи за третирање на различни проблеми со мускулите и други здравствени проблеми но тоа се извршува со софистицирани машини (невромускулни стимулатори) кои се испрограмирани прецизно да ги насочуват и регулираат напонот и јачината на струјата.
http://en.wikipedia.org/wiki/Electrotherapy

Илузионистот Дејвид Блејн планира да направи многу посериозен подвиг.
http://www.telegraph.co.uk/news/worldnews/northamerica/usa/9591292/David-Blaines-electrifying-New-York-stunt.html
Read More

Wednesday, October 17, 2012

Иван Исцелител


Денес ќе започнеме со нашиот прв гуру кој е добро познат помеѓу луѓето како Иван Исцелител. Повеќето, не го сфаќаат сериозно, но одреден процент на луѓе веруваат во неговите моќи. Јеховин сведок по своето убедување, овој исцелител тврди дека моќите за правење чуда ги имал само Исус Христос и тој самиот. Според него, останатите исцелители немаат вистинска моќ туку ја користат наивноста на луѓето, што го прави нелојална конкуренција за другите во овој бизнис. Популарните митови говорат за неговите способности за воскреснување на животни, левитирање предмети и лечење болни луѓе со помош на мистериозната сила дадена од Бога.

Секако тие легенди не може да бидат лажни.
Тоа го знаеме затоа што самиот Иван го кажува тоа.
Зошто би лажел?

Исто така, доказ за неговите способности да левитира предмети е ова видео.
.

Иван не е еден од тие искрени заблудени луѓе кои навистина веруваат во своите способности.


Неговата популарна емисија на телевизијата КРТ му овозможуваше на Иван да го канализира својот дар на правилен начин и со тоа повеќе луѓе да дојдат во контакт со него.
Познат пример е неговиот совет кој го дава на човек кој се жали од проблеми со често одење по голема нужда.



Дијагнозата на Иван е дека процесот на олеснување сам по себе не е проблем, туку психата на пациентот бидејќи нашиот мозок дава наредба на цревата и на "чмарот".
Се би било во ред доколку овој гуру се задржеше на неговите емисии и јутуб клипови.
Но, како и секој измамник, Иван сака пари. При неговите патувања низ Македонија кадешто со неговите способности лекува од сите болести кои можеме да си ги замислиме, Иван ужива во неговата популарност како пророк и исцелител. Се што треба е да му оставите онолку пари колку што мислите дека треба.
Зошто некој би имал нечесни намери кога не бара пари за неговите услуги туку ти кажува да оставиш онолку колку што сакаш? 
Да речеме дека од култура ќе оставиш 10 денари, минимум.
Ако денес отидеме 500 луѓе кај Иван (лично сум присуствувал на многу поголема бројка на луѓе од оваа при една посета на Иван во Скопје), Иван ќе добие минимум 5000 денари, што изнесува околу 40% од нашата просечна месечна плата во Република Македонија...
Покрај тоа што нема да излечи никого, пострашното е тоа што многу луѓе, мотивирани од неговите лаги, нема да се погрижат да побарат вистинска медицинска помош за нивната здравствена состојба.

Иван има направено и упатство за употреба од кое дома лично имам копија.
Упатството започнува со:
"Ако сте во можност да соберете дест луѓе и пред нив да ја прочитате ќе ве прати срќа и благослов и се ќе ви оди од рака наредните две години...среќно..."

http://on.net.mk/greatest-clicks/taka-isceluvashe-ivan

Ова многу ме потсеќа на пирамидалните шеми и познатите трикови на Multilevel Marketing компаниите за кои ќе збориме во некој од наредните постови. Ако соберете десет луѓе, ќе добиете 50 долари. Ако секој од нив викне по десет луѓе од негова страна и тој ќе добие 50 долари. Одлична реклама. Само што таму барем ќе ти ги дадат тие 50 долари кои ти ги ветиле доколку ги собереш потребните десет луѓе. А во случајов, нема да имаш среќа во наредните 2 години. Покрај сите овие страдања на светот, се што треба е читање на оваа ископирана скрипта пред десетина луѓе. Господ, кој воедно им помага на луѓето преку овој човек, ќе ти даде среќа во наредните 2 години. Но само за 2 години. За повеќе среќа треба да одиш лично кај Иван...




Read More

Tuesday, October 16, 2012

Видовитост

За почеток, јас сум видовит.
Мислиш дека те лажам?
Време е да ти ја покажам мојата способност.

Ако го читаш ова, знаеш дека знам за твојата тајна засрамувачка меморија која тлее во твојата потсвест и за која не кажуваш дури и на пријателите. Твојот потенцијал за кој не знаат ни твоите најблиски е огромен и чувствувам дека поседуваш некоја моќ за која ни ти не си свесен/на.


Интуитивна особа си.
Понекогаш луѓето те потценуваат а ти веруваш на нивните мислења за тебе.
Што ако тоа е вистина?
Што ако никогаш не успееш во тоа што го сакаш?

Сметаш дека твојата сексуалност е необична. Понекогаш се срамиш да го признаеш тоа на твојот партнер незнаејќи како ќе ги прифати твоите сексуални апетити. Тоа не е до толку страшно колку што мислиш(освен ако истата доведува до нелегални акти).

Патем, сакам да мислиш на онаа меморија како дете кога се плашеше од темнината и од кошмарите поради кои се криеше под јорганот мислејќи дека така ќе бидеш заштитен/на. Мемориите од вкусниот доручек, домашната задача со полжавите кои не можеше перфектно да ги нацрташ, преселните птици кои ги учеше напамет, мирисот на ароматизираната гума за бришење... Како тоа весело дете стана оваа особа која се грижи за секоја ситница во животот?

Во принцип ти имаш добри намери. Имаш различни карактери кои ги покажуваш зависно од тоа со кого комуницираш и понекогаш почнуваш да се сомневаш кој/а си навистина. Кога се наоѓаш покрај авторитети или особи кои премногу ти се допаѓаат се чувствуваш непријатно во својата кожа и при тоа добивајќи импресија дека и другата особа се чувствува непријатно покрај тебе почнуваш да се плашиш дека ќе се расипе целиот момент. Посебно ако ја идеализираш особата, сакаш да си како нејзе и понекогаш се фаќаш себеси имитирајќи ги гестикулациите кои ти се допаѓаат кај истата.

Имаш сеќавања кои не знаеш од каде се. Овие мемории доаѓаат со специфична музика и мирис и се појавуваат кога ќе поминеш покрај место покрај кое имаш чувство дека си поминал/а некогаш во животот. Честопати особи кои ги немаш видено одамна, знаат да ти се јават моментот откако ќе помислиш на нив. Твојата љубопитност те тера да се запрашуваш за светот околу тебе и за многу други прашања на кои немаш одговор. Имаш амбиции кои сеуште не се остварени. Знаеш дека претеруваш во твоите стремежи но сепак веруваш во себе. Тоа ќе ти помогне да успееш во животот.

Дај ми 500 денари затоа што јас го поседувам одговорот на твоите стравови и потреби.

Се надевам дека бев попрецизен од 90% од астролозите кои ти земале пари за нивната бескорисна натална карта. Тие пари можеле да бидат искористени на многу порационални начини.

Задоволството од тоа да го слушнеш тоа што сакаш да го слушнеш може да ти биде пружено и од твојот психолог. Дури подобро е да слушнеш искрено мислење од твојот пријател. Можеби егото нема да биде задоволено како со видовитиот кој патем ако е добар во својата работа, може лесно да си игра со твоите емоции и уште полесно да ги стиска копчињата кои ги прикажуваат твоите ранливи страни. Следниот пат пробај да направиш еден мал експеримент. Прочитај им го тоа што го пишува за тебе во ова предвидување на твоите пријатели и пријателки. Кажи дека тоа се однесува на нив...Ќе се изненадиш од прецизноста на предвидувањето за нивните животи.

Луѓето бараат смисла и поврзаност помеѓу работите дури и кога нема, посебно ако тие работи се однесуваат на нив и сакаат да најдат смисла во истите. Ако на пример ги собереш сите промашаи кои ги прави медиумот заедно со сите погодоци, ќе видиш колку неточни работи кои ти биле кажани биле заборавени од твоја страна. Нашата меморија е селективна. Го памтиме тоа што нашиот мозок го смета за приоритетно и е од емотивно значење многу подобро отколку ирелевантните информации. Сите сакаме да веруваме во тоа што го слушаме/читаме и за кое се надеваме дека нуди одговор на нашите секојдневни проблеми на кои им придаваме преголемо значење. Секако дека ова не важи за луѓето со посериозни проблеми од здравствен, економски или друг карактер. Сепак, последното нешто што овие луѓе треба да го направат е да бараат помош и одговор на места на кои нема да ги најдат.

Постојат голем број на измамници и илузионисти чијашто работа е да остават впечаток дека поседуваат моќи кои не ги поседуваат навистина. Некои илузионисти го прават тоа за забава и без лоша намера додека пак други гуруа и култ лидери живеат од наивноста и емотивноста на нивните жртви. Никој не контактирал со мртвите од онаа страна. Постојат техники кои медиумите ги користат за да остават импресија дека знаат се за животот на луѓето. Ловејќи ги информациите од нивните жртви кои очајно ги издаваат своите емоции со своето однесување и говор на тело или пак дознавајќи повеќе за нивните животи од други извори кои понекогаш се цели тимови кои се наоѓаат "зад завесите" и го информираат таканаречениот медиум за особата која ја контактира, медиумот остава впечаток дека поседува вистински моќи. Заедно со драматичната глума и емотивните теми кои лесно го кршат дефанзивниот механизам на просечниот наивен човек, интензитетот на еуфоричната атмосфера расте, луѓето плачат, никој не ги забележува грешките на медиумот...

Медиумот: "Господине, вашата мајка ви има оставено некој мал подарок....
" Жртвата: "Да, тоа е оваа алка"
Медиумот: "Се сеќава на вас како малечок. Сте играле во калта, се смее, кажува дека сте биле најмилото детенце...
-Човекот почнува да плаче..
Медиумот продолжува: "Вашата мајка се вика Јована господине?"
Жртвата: "Марија!!"
Медиумот:-"Да, сега добивам јасна импресија. Марија, дали си сеуште тука со мене? Син ти сака да збори со тебе...Мајка ти те слуша!!!"
Жртвата: "Мамо тука си, заедно сме со Ана. И Ана те поздравува....Те сакаме.."
Медиумот: "Марија плаче...."

Не дозволувајте да бидете жртви на овие крвопијци. Секако, не го оспорувам фактот дека некои од нив веруваат дека поседуваат способности кои не ги поседуваат навистина. По долго работење со луѓе и самите не се свесни дека нивната прецизност се должи на нивната долгогодишна комуникација со луѓе од различен карактер со помош на која научиле многу од секојдневните проблеми на просечниот човек.


Следниот пат кога ќе посетите некој навидум просветлен гуру или особа која ја има дарбата за која не барал/а да ја има, пробајте го следното: -Кажете дека сакате да дознаете дали духот на А (А не е навистина мртов/ва но вие ќе тврдите дека е...)е мирен и дали медиумот добива било каква импресија за смртта на особата. Кажете дека се сомневате дека можеби смртта не е природна туку дека постои некоја магија. Притоа ќе напоменете за моментот кога сте забележале глава од јагне пред вашата врата, ден пред особата да умре од срцев удар. Уживајте во тоа што ќе следува од страна на пророкот и лагите кои ќе ви ги кажува....
Read More