Sunday, October 28, 2012

Култови и секти



При спомнувањето на зборот "култ" или пак "секта", првото нешто што ни доаѓа на памет е луѓе кои се облечени во црно и извршуваат церемонии и ритуали при кои жртвуваат
девици и кози. Тоа е општо прифатениот стереотип за овие движења кој воедно е резултат на Холивуд.
Секако, постојат и такви секти. Но, секта е многу широк поим кој опфаќа повеќе видови и форми на религиски и филозофски верувања и практикувања.


Култ е движење кое е препознатливо по:
-Најчесто, харизматичен лидер кој сите го обожуваат.
-Верувања кои се деноминација на некоја религија или пак филозофско гледиште.
-Нови филозофски гледишта и практикувања кои се необични  а понекогаш и бизарни
во споредба со секојдневието.

Иако голем број на секти стануваат култови, постои суптилна разлика помеѓу тоа што е секта а што култ. Во секоја држава, посебно се одредува дали специфично религиско движење е секта или не, зависно од тоа колку следбеници верувањето бележи во сегашниот момент и дали истото е деноминација на некоја официјално призната религија.

Што е секта а што не, е дефиниција која е резултат на субјективна проценка во голем број од случаите.

За некои jудеисти на пример, христијанството е јудеистичка секта. Баптизмот се смета за христијанска секта. Од друга страна пак, колку се опасни нечии верувања или не, не се одредува според тоа дали верувањата се дел од некоја официјално призната религија или пак од секта. Опасноста од резултатите кои може да ги постигне некое верување се одредува според содржината и/или практикувањата кои постојат помеѓу следбениците на верувањето.


Постојат секти кои се скоро безопасни (Wicca) исто како што постојат секти и култови кои веруваат и практикуваат работи кои се опасни по психофизичкото здравје и животот на луѓето. Општиот страв од зборот секта е неоправдан доколку сектата има мирољубиви идеали. Таквите секти се подеднакво опасни колку и официјално признатите религии. Бројот на луѓе кои некоја религија, секта или култ успеал да ги придобиe е резултат на интелектуалната и емотивната привлечност кои постојат во содржината на верувањата на религијата/сектата/култот и харизмата на членовите на истиот. Џим Џонс успеал да натера над девестотини луѓе да си ги одземат животите. Бројот на неговите следбеници е резултат на неговата харизма и методи со помош на кои ги придобивал луѓето а не на опасноста на неговите практикувања која секако била затскриена зад неговите ветувања и лаги. Секое верување кое промовира практикувања кои се антисоцијални и опасни по животот и здравјето на единката и/или луѓето околу неа е непожелно.

Жртва, ќе биде зборот кој ќе биде користен за луѓето кои се нови во култот. Не секој од овие методи е користен во секој култ но поголемиот дел од култовите користат методи како наведениве со помош на кои го зголемуваат бројот на следбениците.

Некои од тие се:
-Изолирање на верниците од нивните семејства и од нивната
социјална средина. Со помош на овој метод, луѓето губат контакт со реалноста, стануваат параноични за "светот околу нив" и добиваат впечаток дека единствениот начин да се социјализираат успешно е да останат во култот што ги прави емотивно зависни и нестабилни.

-Зголемување на покорноста на жртвите со користење на системот "казна/награда". Со помош на оваа техника луѓето се условени да реагираат на специфични гестикулации по кои следува казна или награда. Секојпат кога ќе направат постапка која може да се смета за неправилна/правилна според критериумите на култот, доколку по некоја гестикулација од страна на култ лидерот следува казна или награда, жртвата ќе знае дали ќе биде наградена или казнета откако гестикулацијата ќе биде извршена и при тоа соодветно ќе реагира, зависно од тоа каква емоција култ лидерот сака да предизвика кај жртвата(условен рефлекс).
http://en.wikipedia.org/wiki/Classical_conditioning

-Нападно однесување и игнорирање на жртвата со што истата ќе се чувствува непријатно доколку не се согласи со тоа што мнозинството во култот го верува и мисли.

-Кодекси на однесување и изразување чиешто значење е познато само на членовите на култот.

-Оставање на впечаток дека членовите на култот знаат за проблемите на жртвата и го имаат решението на истите.
(ВИДОВИТОСТ)

-Останатите членови од култот без согласност на жртвата и даваат подароци на истата, константно се грижат за нејзините проблеми со цел да ја направат да се чувствува  должна кон луѓето кои и помогнале.

-Земање на кредибилитет за сите настани кои се случуваат во светот. Тоа што се случува во светот може да биде објаснето со помош филозофијата и верувањата на култот.

-Љубовни бомби. Култот ја бомбардира жртвата со "љубов" и "внимание".

-Давање на негативни епитети на секој кој не се согласува со верувањата кои култот ги пропагира, што го прават да изгледа како невалиден извор на информации (не е доволно
свесен, неговите намери се да го уништи тоа во што веруваме, тој е илуминат, не ја сфаќа вистината, не верувај на таквите како него/нејзе).

-Користење на дроги со помош на кои се предизвикува импресија на паранормално искуство.



Одлична книга која би ја препорачал на секој кој сака да дознае повеќе за оваа тематика е:
"The Power of Persuasion: How We're Bought and Sold" - Robert V. Levine.

Пред да одлучите да се приклучите на движење кое промовира некои идеали и верувања кои се невообичаени, пожелно е да се информирате повеќе околу тоа во што се вклучувате. Денес, за среќа сите имаме интернет (со мали исклучоци) и лесно можеме да стигнеме до сознанија за тоа што не интересира. Не дозволувајте да се вклучувате во движења со кауза која не ви е позната и прифатлива на вас самите само затоа што имате впечаток дека се чувствувате пријатно додека сте со членовите од тоа друштво или движење. Прифаќањето на некое верување само за да другарувате, затоа што се чувствувате осамено или поради друга емотивна причина не е доволно добра причина за таква одлука. Исто така, само затоа што некои верувања емотивно влијаат на вас иако не се поддржани со факти и аргументи, не значи дека треба да ги прифатите истите. Има многу начини со помош на кои можете да се чувствувате добро и исполнето а не бараат верување во нерационални работи.

Доколку дојдете во контакт со нешто од ваков калибар и доколку не можете да ги одбиете понудите поради: култура, страв, луѓето со кои комуницирате се премногу културни и односливи, добивате впечаток дека ве познаваат добро и имате чувство дека се ваши пријатели иако ги гледате за прв пат во животот, повлечете се што побрзо, затоа што најверојатно се обидуваат да ве изманипулираат.

0 comments:

Post a Comment